Вести:

 

Студиската програма за Македонски јазик и книжевност при ДУТ по трет пат организира Македонистичка вечер

 

Студиската програма за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Државниот Универзитет во Тетово по трет пат организира Македонистичка вечер, манифестацијата која има едукативно-забавен карактер, а е целосно реализирана од страна на студентите од оваа студиска програма. Како и претходните години, и оваа година студентите, под раководство на своите професори, подготвија богата програма со која се одбележуваат неколку значајни годишнини, но им се оддава и достојната почит на личности заслужни за развојот и афирмацијата на македонскиот јазик и на книжевноста создадена на него.

 

 

Годинешната Македонистичка вечер беше замислена како патување низ чудесната земја Македонија, во која пред 1100 години починал просветителот св. Наум Охридски, пред 200 години се родил таткото на македонската преродба, како што обично го нарекуваат, Димитрија Миладинов, а пред 100 години се родил „големиот волшебник на зборот“, како што скромно го нарековме ние, писателот Славко Јаневски.

 

 

Но Македонистичката вечер, како манифестација што полека станува традиционална, има, неспорно, уште една димензија. Таа претставува можност студентите на еден убав начин да ги прикажат своите знаења и способности, да се дружат меѓу себе и да ги развиваат своите склоности и таленти, да се афирмираат себеси, но и својата студиска програма, како и матичниот Универзитет. Едноставно, можеме без лажна скромност да кажеме дека секоја година напредуваме, настојуваме да сме се подобри и да покажеме дека токму од овие клупи излегуваат млади луѓе кои многу знаат и умеат.

 

Канцеларија за информирање

 

 

 

 

ISO 9001 - 2000